Пребарување

За Божиќ епископот Стојанов служеше во Струмица За Божиќ епископот Стојанов служеше во Струмица  

Епископот служеше Божиќна света Литургија во Струмица

На празникот Рождество Христово, 7 јануари 2022 година, епископот Стојанов служеше свечена света архиерејска Литургија во Катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица. На Литургијата сослужуваа о. Георги Трајков, о. Гоце Костов, о. Ристо Самарџиски, о. Атанас Сирачев и о. Томаш Бак.

Светата Литургија започна со процесија на која епископот Стојанов го положи Богомладенецот во витлеемската пештера, како видлив симбол на Рождеството Христово.

На почетокот од својата проповед епископот Стојанов се осврна на божиќниот настан опишан во Евангелието според Лука, во кој господарот на небото и земјата не можеше да најде место за преноќевање. Понатаму истакна дека Спасителот чука во срцето на човештвото веќе повеќе од 2000 години, посебно на денот на неговото раѓање, чука во срцата на целиот човечки род, во срцето на секој од нас, при што го постави прашањето: Дали и денес ќе слушне: „Нема повеќе место, нема за Тебе место за преноќевање?!

Осврнувајќи се на тоа дека и денес многумина ќе му кажат на Богомладенецот: Нема место за Тебе, владиката Стојанов упати и прашање до присутните: „А што ќе му кажеме ние на Божественото дете собрани овде во оваа тивка ноќ? Што да му кажеме ние на тоа Дете кое еднаш со своите мали прсти ја фаќаше грубата слама од својата лежалка и на кои еден ден на Судот ќе ни покаже добро и зло?“

Кон крајот на проповедта упати кратка молитва: „Новороден Цару, ние Те признаваме за наш Спасител, ние Те признаваме за наш Бог, затоа и дојдовме овде да Ти се поклониме. Нашето срце е полно со љубов и благодарност кон Тебе кој во Својата добрина слезе и дојде меѓу нас. Ние со радосни срца Те примаме и ветуваме дека во нашиот живот секогаш ќе те задржиме со нас и дека никогаш во нашиот живот нема да ти кажеме: „Нема место за тебе“, туку нашата молба ќе биде: „Дојди Исусе и всели се кај нас, во моето семејство, во мене!"

Проповедта ја заврши честитајќи им го празникот Рождество Христово на сите пристуни верници, нивните семејства и блиски, како и на сите оние кои преку брановите на Радио Марија ја следеа божиќната света Литургија.

За време на Литургијата пееше катедралнот хор, предводен од сестра Тереза Стојкова, а од настанот Радио Марија вршеше директен пренос.

11 јануари 2022, 09:15