2025.06.20 14963-The feast of Corpus Christi is celebrated in the Skopje Cathedral

Бискупот Стојанов: Христос ја победува смртта и му го отвора на човекот патот кон вечното спасение

На празникот Воскресение Христово, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов служеше света Литургија во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје

Во недела 5 април 2026 година, на празникот Воскресение Христово, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов служеше света Литургија во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје во сослужение на катедралниот парох патер Винко Маслаќ и протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов.

Во својата велигденска проповед епископот Стојанов се послужи со сликата на ходочесникот и туристот во Ерусалим, истакнувајќи дека празниот гроб не се доживува на ист начин од секого. Како што нагласи, туристот гледа историско место и продолжува понатаму, додека ходочесникот застанува во молитва и бара жива средба со Воскреснатиот Господ. Во таа смисла, епископот подвлече дека вистинската вера не произлегува од посетата на светите места или од надворешното набљудување, туку од личната средба со воскреснатиот Христос, Кој го зајакнува човекот и го испраќа да биде сведок на радосната вест дека Бог е жив и дека Христос воскреснал.

Понатаму истакна дека Велигден е вистинска вест и за поединецот и за целиот човечки род, затоа што по Христовото воскресение ништо повеќе не останува исто. Осврнувајќи се на апостол Петар, епископот нагласи дека Бог не е рамнодушен набљудувач на човечката судбина, туку во Исус Христос влегува во човечкото постоење, ја победува смртта и му го отвора на човекот патот кон вечното спасение. Со тоа потсети дека темелот на велигденската вера и надеж лежи во апостолското сведоштво дека Бог Го воскреснал Христа на третиот ден и дека Оној Кој е Судија на живите и мртвите е воедно и Спасител на човекот.

Осврнувајќи се на сведоците на Христовото воскресение, епископот истакна дека тие виделе две работи: празниот гроб и Воскреснатиот Господ, и токму затоа поверувале. На крајот, повикувајќи се на мислата на Света Мајка Тереза, тој потсети дека страдањето на Христос завршува со воскресението и ги охрабри верниците да не дозволат болката и искушенијата да ја засенат радоста на Велигден, туку и во тешкотиите да останат во љубов, служење и доверба во Бога.

За време на светата Литургија бискупот Стојанов ја подели светата Тајна Крштение на еден катехумен, кој една година се подготвуваше преку катехузација.

За време на светата велигденска Литургија пееше катедралниот хор под водство на Јулија Неловска, а на оргули свиреше Филип Костов.

По светата Литургија следуваше концерт на деца од Гевгелија, кои се дел од молитвената група на сестра Клементина.

06 април 2026, 08:00