2026.08.27 "Days of Saint Mother Teresa" opened on the occasion of 10 years since her canonization

Отворени „Деновите на Света Мајка Тереза“ по повод 10 години од канонизацијата

Со пригодно обраќање на Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов во „Порта Македонија“ беа отворени „Деновите на Света Мајка Тереза“, манифестација што се одржува од 26 август до 5 септември по повод 10 години од канонизацијата на Света Мајка Тереза.

Во среда, 26 август 2026 година, во „Порта Македонија“ свечено е отворена манифестацијата „Денови на Света Мајка Тереза“, со пригодното обраќање на Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов, кој зборуваше на тема „Скопјанката од Калкута која го промени светот“.

На отворањето присуствуваа протојереј ставорофр отец д-р Зоран И. Стојанов, отец Томаш Бак, Карол Томашевски, реис-ул-улема Х. Хфз. Шаќир еф. Фетаи, поранешниот претседател на Македонија г-дин Ѓорге Иванов со неговата сопруга, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни група Оливера Трајковска, директорката на НУ „Спомен куќа Мајка Тереза“ Соња Кузмановска, претставници од амбасадата на Република Хрватска и Словенија, претставници на други верски заедници, гости и почитувачи на нејзиното дело. Модератор беше Јадранка Чадиновска.

Во своето обраќање епископот Стојанов зборувајќи за животот и делото на светицата од Скопје меѓу другото истакна: „Не можеме и не ни е дозволено тесноградо да ја присвојуваме само за себе и не смееме да ѝ наметнуваме титули и да зборуваме за неа само како за хуманитарка, нешто што го одзема она што таа првенствено и навистина е: католичка монахиња која без нејзината духовност и повик во повик, без верата во Христос и неговиот глас „Жеден сум“, никогаш не би била тоа што сега е: светица на Црквата, а потоа доаѓа сè друго.“

За најзначајните моменти од животот и мисијата на светицата зборуваше Љерка Тот Наумова.

Манифестацијата е посветена на одбележувањето на 10 години од канонизацијата на Мајка Тереза, а е во организација на Католичката црква во Македонија и Заедницата на Хрвати во Република Македонија – огранок Скопје, со поддршка на Владата на Република Хрватска, а ќе заврши со свечена Литургија на 5 септември во катедралата „пресвето Срце Исусово“ во Скопје.

27 август 2026, 11:34