2026.04.04 Domenica di Pasqua Risurrezione del Signore - Veglia Pasquale nella notte santa

Папата: Велигден ја истерува омразата и ги соборува моќните

На велигденското бдение во Ватикан, папата Лав рече дека „Бог на тврдокорноста на гревот, кој разделува и убива, одговара со силата на љубовта, која обединува и го обновува животот“.

Папата Лав XIV во саботата вечер, 4 април 2026 година, размислуваше за доброто, злото и повторното раѓање, предводејќи ја светата Литургија на велигденското бдение во базиликата „Свети Петар“.

Велигден, рече Папата, повикувајќи се на една древна химна, „ја истерува омразата, ја зацврстува слогата и ги соборува моќните“.

Историјата на спасението

Иако срцето на велигденската порака е Христовото воскресение од мртвите, папата Лав рече дека „светата тајна на оваа ноќ… се протега низ вековите“.

Во деветте библиски читања што се читаат за време на Литургијата, објасни Папата, гледаме делови од тој „пат на помирување и благодат“, од Божјото создавање на светот, преку излегувањето на Израилците од Египет, па сè до проповедта и служењето на свети Павле.

Заедничката нишка на сите тие мигови во историјата на спасението, нагласи Папата, е дека „Бог на тврдокорноста на гревот, кој разделува и убива, одговара со силата на љубовта, која обединува и го обновува животот“.

Љубовта ја надминува смртта

Потоа папата Лав се осврна на Христовото Воскресение, како што е опишано во Евангелието според Матеј.

Кога двете Марии доаѓаат на Исусовиот гроб, потрес го оттурнува каменот што го попречува влезот.

Во тој миг, рече Папата, она што жените го гледаат е „силата на Божјата љубов, посилна од секоја сила на злото… Човекот може да го убие телото, а животот на Богот на љубовта е вечен живот, кој ја надминува смртта и кој никаков гроб не може да го задржи“.

Војна, неправда и осаменост

Во последниот дел од својата проповед, папата Лав се осврна на „гробовите што и денес треба да се отворат“, како што се „недовербата, стравот, себичноста и огорченоста“, како и „војната, неправдата и изолацијата на народите и државите“.

Папата ги повика присутните да не дозволат да бидат „парализирани“ пред овие предизвици.

Наместо тоа, рече тој, треба да го следиме „предавањето“ на светителите што оделе пред нас, за „велигденските дарови на складот и мирот да растат и да процветуваат насекаде и секогаш низ целиот свет“.

За време на бдението беа крстени десет катехумени: пет мажи и жени од Римската епархија, едно лице од Кореја, двајца од Велика Британија и двајца од Португалија. Секогаш одете како деца на светлината – им рече Римскиот епископ на катехумените кои исто така ја примија Светата Тајна Миропомазанието како возрасни. Во молитвата на верниците, посебна молитва беше упаена за оние на власт, Отецот да им ја даде желбата за „разоружен и праведен мир“ и кај луѓето да се разбуди љубовта кон сиромашните и маргинализираните.

06 април 2026, 07:51