2026.04.05 Domenica di Pasqua Risurrezione del Signore - Benedizione Urbi et Orbi

Urbi et Orbi: Папата ги повика светските лидери да го положат оружјето

На Велигден, папата Лав ги повика светските лидери да изберат „не да владеат над другите, туку да се сретнат со нив“. Воедно најави дека следната сабота, на 11 април, во базиликата „Свети Петар“ ќе предводи молитвено бдение за мир.

Папата Лав XIV ги повика светските лидери да го положат оружјето и да изберат „средба“ наместо надмоќ.

„Оние што имаат оружје, нека го положат!“, повика Папата на Велигден, во својата традиционална порака Urbi et Orbi („На Градот и на Светот“).

Обраќајќи им се на десетиците илјади поклоници собрани на плоштадот „Свети Петар“, папата Лав ги повика „оние што имаат моќ да разгорат војни“ да го изберат мирот.

Тој нагласи дека тој мир треба да се остварува преку дијалог, како пат што води кон вистинско заедништво и меѓусебна средба.

„Глобализацијата на рамнодушноста“

Папата Лав предупреди дека светот „се навикнува на насилството“.

Рече дека луѓето „стануваат рамнодушни“ не само кон смртта на илјадници луѓе, туку и кон „омразата и поделбите“ што ги создава војната, како и кон нејзините „економски и општествени последици“.

Преземајќи израз од покојниот папа Фрањо, папата Лав предупреди на сè поголемата „глобализација на рамнодушноста“.

„Да не бидеме рамнодушни!“, повика тој. „Да не се помируваме со злото!“

Поради тоа, најави дека следната сабота, на 11 април, ќе предводи молитвено бдение за мир во базиликата „Свети Петар“.

Ненасилство и „вистинска сила“

На Велигден, рече Папата, Исус извојува победа над смртта и со тоа „еднаш засекогаш го победи древниот противник, кнезот на овој свет“.

Папата Лав нагласи дека силата со која Христос ја извојува таа победа е „целосно ненасилна“, втемелена врз љубов што „создава и раѓа“, „простува и откупува“.

Тој рече дека токму тој дух на љубов и простување е „вистинската сила“ што воспоставува мир и ги гради односите меѓу луѓето и општествата.

Внатрешен мир

Приведувајќи ја кон крај својата порака Urbi et Orbi, Папата истакна дека велигденскиот мир не е само „молк на оружјето“, туку и внатрешен мир што „го допира и го преобразува срцето на секој човек“.

„Да му дозволиме на Христовиот мир да нè преобрази“, повика папата Лав, доверувајќи Му ги на Господа „сите срца што страдаат и што го очекуваат вистинскиот мир, што само Тој може да го дарува“.

06 април 2026, 07:56