2026.08.26 Udienza Generale

Генерална аудиенција: Активното учество во Литургијата нè води до однос со Бога

На Генералната аудиенција во среда, 26 август 2026 година, папата Лав XIV размислуваше за одлуката на Отците од Вториот ватикански собор да ја промовираат литургиската реформа, особено преку Конституцијата за светата литургија Sacrosanctum Concilium од 1963 година.

За време на Генералната аудиенција во базиликата „Свети Петар“, папата Лав XIV ја истакна важноста на литургиската реформа донесена од Вториот ватикански собор. Таа реформа ги охрабри верниците поактивно да учествуваат во Литургијата и да влезат во подлабок однос со Бога.

„Преку обредните дејствија на Црквата, додека се слави споменот на делото на спасението, се дава можност да се доживее вистински однос со Бога, доаѓајќи во допир со спасоносниот настан“, рече Папата.

„Бидејќи гестовите и зборовите на светата Литургија се клучни за остварување на ова искуство, учеството на верниците не може да биде пасивно“, нагласи тој.

Папата Лав XIV ја продолжи својата серија размислувања за документите на Вториот ватикански собор и ја одржа последната катехеза посветена на Конституцијата за светата Литургија Sacrosanctum Concilium.

Овој документ беше првиот текст објавен од Вториот ватикански собор и донесе значајни промени во литургискиот живот, меѓу кои и можноста Литургијата да се слави на народните јазици, како и поттикот за поактивно учество на верниците.

Во својата катехеза, Папата ги разгледа причините поради кои Соборските отци решиле да ја промовираат оваа реформа.

Литургиска реформа вкоренета во живата традиција на Црквата

Папата Лав XIV забележа дека желбата за литургиска обнова не се појавила ненадејно, туку веќе била присутна во документите и одлуките на Папите од почетокот на XX век.

Како пример ги наведе Апостолската конституција Divini Cultus на папата Пиј XI од 1928 година, одлуката на папата Пиј XII да го промени времето на одредени обреди од Страсната седмица, како и motu proprio Rubricarum instructum на свети Иван XXIII од 1960 година.

„Литургиската реформа промовирана од Вториот ватикански собор е цврсто вкоренета во живата традиција на Црквата“, рече Папата.

Тој додаде дека правилното разбирање на реформата помага да се отфрлат злоупотребите што се појавиле во одредени делови од Црквата во постсоборскиот период, а кои, за жал, понекогаш се случуваат и денес. Според Папата, тоа се случаи кога некои од принципите на самата реформа биле доведени до крајност или погрешно разбрани.

Одговорност на епископите и свештениците да ја чуваат Литургијата

Папата истакна дека Sacrosanctum Concilium јасно нагласува дека „литургиските служби не се приватни дејства, туку славења на Црквата“, која е „таинство на единството“, односно свет народ обединет и уреден под водство на своите епископи.

Затоа, рече Папата, „првенствена одговорност на пастирите, на епископите, но и на секој свештеник поединечно, е да ја чуваат и промовираат Литургијата која, почитувајќи ги литургиските норми, зрачи со благородна едноставност и така ја пројавува едната, света, католичка и апостолска Црква“.

„Таквата Литургија ќе биде и основно средство за евангелизација, инструмент на благодатта преку кој, како што учи Соборот, можеме да научиме да се принесуваме самите себеси и, преку Христовото посредништво, да бидеме усовршени во единство со Бога и меѓусебно“, продолжи Папата.

Израз и на божественото и на човечкото

За да ги објасни причините за реформата, папата Лав XIV се повика на писмо што тогашниот надбискуп на Милано, кардинал Џовани Батиста Монтини, идниот папа Павле VI, го испратил до верниците на својата Црква во октомври 1962 година.

Во тоа писмо, Монтини истакнал дека Литургијата „е искрен израз и на божественото и на човечкото“, бидејќи е „јазик“, „средство за божествено учење“ и „глас во дијалог со Бога“.

Идниот Папа напишал дека верниците „не можат и повеќе не смеат да останат неми и пасивни“, бидејќи нивното „физичко присуство не може да се помири со духовно отсуство“.

Папата Лав XIV забележа дека овие мисли се одразени и во точка 48 од Sacrosanctum Concilium, каде што се нагласува дека Црквата сака верниците да не присуствуваат на Литургијата како „странци или неми гледачи“, туку „свесно, побожно и активно да учествуваат во светото дејство“.

На тој начин, верниците можат „од ден на ден да бидат привлечени кон сè посовршено единство со Бога и меѓу себе, за конечно Бог да биде сè во сè“, се вели во текстот на Конституцијата.

Жива литургија што се прилагодува на времето

Папата рече дека овие зборови покажуваат „обновена свест за вредноста на Литургијата“ и ѝ дозволуваат да блесне како „првичен извор на онаа божествена размена преку која ни се соопштува Божјиот живот“.

Од ова убедување, објасни тој, произлегла потребата библиските текстови и молитвите да станат подостапни, а редоследот на славењето појасен и поедноставен.

Папата истакнувајќи дела „Литургијата е жив организам низ вековите, таа отсекогаш била предмет на развој и промени“, прилагодувајќи ги своите форми на потребите на различни историски периоди.

„Затоа не е изненадувачки што и Вториот ватикански собор, со најголема почит кон наследството на традицијата, и токму за да го направи подостапно, сметаше дека е неопходно да се ревидираат литургиските книги“, рече Папата.

Цитирајќи ја точка 21 од Sacrosanctum Concilium, Папата потсети дека документот прави разлика меѓу „непроменливите елементи, божествено востановени“ и човечките елементи кои „не само што можат, туку и треба да се менуваат со текот на времето“.

На тој начин, текстовите и обредите можат да се обновуваат за „појасно да ги изразат светите стварности што ги означуваат“, а верниците да можат „лесно да ги разберат и да учествуваат во нив целосно, активно и како што доликува на една заедница“.

26 август 2026, 17:13