Светиот Престол го обнови договорот со Кина
Светиот Престол и Народна Република Кина се договорија, по соодветните консултации и оценки, да ја продолжат важноста на Привремената спогодба за именување бискупи, потпишана на 22 септември 2018 година и обновена за прв пат на 22 октомври 2020 година, за уште две години - извести Канцеларијата за печат од Светиот Престол.
Ватиканската страна - стои во соопштението - има намера да продолжи со умерен и конструктивен дијалог со кинеската страна, со цел плодна имплементација на споменатиот договор и понатамошен развој на билатералните односи, со цел поддршка на посланието на Католичката црква и добробитта на кинескиот народ.
Папата Фрањо во едно интервју дадено во јули за агенцијата Ројтерс, изрази надеж дека договорот може да биде обновен во октомври оваа година. Договорот оди добро - рече тој, зборувајќи за именувањето на бискупи - иако сѐ оди бавно, „во кинески стил“ - додаде тој - затоа што Кинезите имаат такво чувство за време што никој не ги брза. Покрај тоа, и тие имаат проблем, бидејќи локалните власти на различни начини се справуваат со Католичката црква и ситуацијата не е иста во секој регион на земјата – рече папата Фрањо.