Епископот Стојанов ги посети изложбите во чест на света Мајка Тереза во Скопје
Скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов, на 26 август 2026 година, придружуван од протојереј отец д-р Зоран И. Стојанов, ги посети трите изложби посветени на света Мајка Тереза, кои се отворени во Спомен-куќата на Мајка Тереза во Скопје.
Изложбите „Мирот започнува со насмевка“, „Наследството на Мајка Тереза“ и „Апостолот на мирот и љубовта преку зборовите на познатите“ преку фотографии, сведоштва, цитати и мисли го претставуваат животот, делото и духовното наследство на Мајка Тереза, родена во Скопје.
Оваа изложба е составена од фотографии и инспиративни мисли на Мајка Тереза, преку кои се потсетува на значењето на љубовта, човечноста и грижата за другиот, започнувајќи од еден едноставен, но силен гест, насмевката.
Автор на изложбата „Наследството на Мајка Тереза“ е Патриција Морено Руиз-Олалде, новинарка и волонтерка во редот на Мисионерките на љубовта. Преку 29 фотографии и придружни текстови, изложбата го претставува нејзиното лично волонтерско искуство и сведоштвата од центрите раководени од сестрите Мисионерки на љубовта.
Третата изложба, „Апостолот на мирот и љубовта преку зборовите на познатите“, содржи фотографии на Мајка Тереза со значајни личности од современата историја, меѓу кои папата Иван Павле II, кралицата Елизабета II, принцот Чарлс, Далај Лама, Јасер Арафат и принцезата Дијана. Фотографиите се проследени со мисли и сведоштва посветени на Мајка Тереза и нејзиното дело.
Спомен-куќата на Мајка Тереза се наоѓа во центарот на Скопје, веднаш до местото каде што некогаш се наоѓала Католичката катедрала.