Пребарување

Pope Francis leads the Angelus prayer at the Vatican

Ангел Господов: Отворете ги очите и восхитувајте се на Божјите дарови

Во размислувањето пред молитвата Ангел Господов во недела 19 март 2023 година, папата Фрањо зборуваше за настанот опишан во неделното Евангелие во кој главниот лик е човек слеп од раѓање на кого Исус му дава вид. Меѓутоа, чудесното исцелување предизвикува спротивставени реакции кај луѓето. Се појавуваат затворени срца, бидејќи не сакаат да се променат, стравот ги кочи, рече Папата.

Чудо примено на грозен начин - вака може да се опише Исусовото исцелување на слепиот од раѓање, што предизвика негативни реакции кај народот. Коментирајќи го Евангелието за неделната Литургија, папата Фрањо ги опиша сите, еден по еден, нагласувајќи колку мала отвореност кон другите има во човечкото срце и ги поттикна верниците да прочитаат како Иван во Евангелието го раскажува тоа Исусово чудо кое покажува како се однесува човечкото срце: добро човечко срце, млако, страшно и храбро човечко срце. Самите ученици пред оздравениот слеп човек се препуштија на мрморење и први прашаа зошто е следп: по своја или по вина на родителите – забележа Папата.

Бараат виновник. И ние често запаѓаме на тој начин затоа што е поудобно да го бараме виновникот отколку да си поставуваме потешки прашања за животот.

Затворени срца за Исусовите знаци

Потоа, тука се и скептиците кои се сомневаат дека тоа би можело да биде слепецот кого многумина го виделе како проси. Имено, луѓето се плашат – објасни Римскиот бискуп – и не се изјаснуваат.

Во сите овие реакции, затворените срца се издвојуваат пред Исусовите знаци. Причините се различни: или затоа што бараат виновник, или затоа што не знаат да се восхитуваат на самите себе, затоа што не сакаат да се променат, затоа што ги кочи стравот. Многу ситуации се слични денес. Кога сме соочени со нешто што е токму порака да се посведочи на некој човек, Исусовата порака, запаѓаме: бараме друго објаснување, не сакаме да се промениме, се обидуваме да бараме поелегантен излез, наместо да ја прифати вистината.

Христос му дава на човекот потполно достоинство

Напротив, човекот слеп од раѓање, среќен што прогледал, на едноставен начин сведочи за тоа што му се случило и вели: „Бев слеп, но сега гледам“ и слободен по тело и дух, сведочи за Исус: ништо не измислува и ништо не крие – забележа Светиот Отец.

Не се плаши што ќе кажат другите: во животот веќе го доживеа горчливиот вкус на маргинализација, веќе ја почувствува рамнодушноста и презирот на минувачите, оние кои го сметаа за отпад на општеството, корисен во најдобар случај, затоа што од сочувство ќе му се даде нешто милостина.

Оздравен, слепиот човек од раѓање повеќе не се плаши од презирното однесување на луѓето, бидејќи Исус му дава потполно достоинство – истакна папата Фрањо.

Тоа е јасно, секогаш се случува: кога Исус нè лекува, тој ни го враќа достоинството, достоинството на Исусовото оздравување; но потполно достоинство, она што доаѓа од длабочините на срцето и го опфаќа целиот живот.

Да се восхитуваме на Божјите дарови

Сето тоа треба да нѐ наведе на размислување – забележа Папата – да си поставуваме прашања: дали ние, како слепиот, знаеме да го гледаме доброто и да бидеме благодарни за даровите што ги добиваме? Дали сведочиме за Исус или шириме критики и сомнежи? Дали сме ослободени од предрасуди или им се придружуваме на оние кои шират негативност и озборувања? Дали сме среќни да кажеме дека Исус нè љуби и спасува или, како родителите на слепиот, дозволуваме да бидеме заробени од стравот што ќе мислат луѓето? И како ги прифаќаме тешкотиите и страдањата на другите? Како проклетство или како можност да се пристапи со љубов?

На крајот, папата Фрањо поттикна да молиме за благодат, да се восхитуваме на Божјите дарови секој ден и да гледаме на различните животни околности, дури и оние кои е најтешко да ги прифатиме, како можности да правиме добро, како што направи Исус со слепиот. Во тоа нека ни помогне Богородица заедно со свети Јосиф, човек праведен и верен – рече на крајот папата Фрањо.

21 март 2023, 08:04

Што е Ангел Господов

Ангел Господов е молитва која се моли три пати на ден во спомен на вечната Тајна на Овоплотување: во 6 часот наутро, точно напладне и навечер околу 18 часот, во моментот кога бие камбаната за Ангел Господов. Името Ангел Господов произлегува од првиот стих на молитвата – Ангел Господов ја поздрави Марија – која се состои од кратко читање на три едноставни текста кои се однесуваат на Овоплотувањето на Исус Христос и молење на три Радувај се Маријо. Оваа молитва ја моли Папата на плоштадот Свети Петар точно напладне во недела и за време на големите празници. Пред молењето на Ангел Господов, Папата има и еден мал наговор поврзан од дневните читања. Потоа следат поздрави до поклониците. Од Велигден па сѐ до Духовден, наместо Ангел Господов се моли Царице Небесна, која е молитва во спомен на Воскресението Христово, на крајот од истата се моли три пати Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Последниот Ангел Господов / Царице Небесна

Прочитајте сé >