Пребарување

2023.03.20 Membri dell'Unione Nazionale Attrazionisti Viaggianti

Папата до сопствениците на забавните паркови: Донесувате радост и дружење во сивилото на светот

Примајќи ги во аудиенција претставниците на Италијанскиот национален сојуз на сопственици на патувачки забавни паркови, папата Фрањо ја истакна важноста на овој вид забава што им се нуди на луѓето на плоштадите. На отворено, можете да дишете расположение на вистинска релаксација, спротивно од она што се случува кога секој е сам со својот мобилен телефон или со својот компјутер.

Дури и сопствениците на забавните паркови и оние кои нудат атракции на плоштадите, учествуваат, во поширока смисла, во навестување на Евангелието, поради радоста што им ја носат на луѓето – истакна папата Фрањо на средбата со членовите на Италијанскиот национален Сојуз на сопственици на патувачки забавни паркови, ветувајќи им ја близината и придружбата на Црквата која продолжува да го навестува Христос Спасителот кој одеше по градовите и селата носејќи им ја на сите радосната вест за Царството Божјо. Светиот Отец ги охрабри работниците на патувачките забави и ги нарече сејачи на радост, дури и во тажните срца.

Вашиот повик е да ширите радост. Затоа ве охрабрувам вашето срце и вашиот живот секогаш да бидат отворени за перспективата на верата што се раѓа од средбата со Исус Христос, присутен и активен во неговата Црква, присутен и активен во вас, во секоја личност што ќе ја сретнете, во секоја личност која ќе ја насмеете. Тоа е една од убавите работи: сејачи на насмевки! Убаво е тоа!

Забавните паркови кои застануваат во селата и градовите нудат мигови на безгрижност на децата и возрасните, малку оддалечувајќи ги од грижите што го притискаат секојдневието - забележа Папата и ја истакна сликата на чиста радост што му припаѓа на сеќавањето на секое семејство, а која ја нуди среќата на детето на рингишпилот.

Едноставноста е патот до радоста

Чувството на радост и славење што го шират сопствениците на забавните паркови извира од креативноста и фантазијата која не ги имитира вештачките и конформистички модели што ги шират медиумите, ниту е мотивирана секогаш да се бараат нови сензации, туку од едноставноста и отвореноста, што може да се дишат во забавниот парк.

Во свет каде што често дишеме сиво и тешко расположение, нè потсетувате дека патот до радоста е едноставноста; исто така во форма на забава на отворено и ви друштво; тоа е токму спротивното од она што денес се почесто се гледа; секој е сам со својот мобилен телефон или компјутер кој ги изолира од социјалната комуникација. Вие поканувате да излеземе, да се сретнеме на плоштадот, да се забавуваме заедно.

Сето ова нè потсетува дека не сме создадени само за работа, туку и за забава и дека Бог е задоволен кога заедно, како браќа, се забавуваме во едноставност – истакна на крајот папата Фрањо.

21 март 2023, 08:54