Пребарување

2023.03.18 Giovani del "Progetto Policoro" promosso dalla Conferenza Episcopale Italiana

Папата: Потребна е „добра политика“, бидејќи војната е неуспех на политиката

Примајќи ги во аудиенција младите кои се вклучени во процесот на општествена-политичка формација, како дел од проектот Поликоро на Италијанската бискупска конференција, Папата истакна дека политиката денес не ужива добар углед, пред се затоа што е неефикасна и далеку од животот на луѓето.

Итно потребен мир и задача на политиката - ова се темите за кои папата Фрањо им зборуваше на младите кои како дел од проектот Поликоро, од Италијанската бискупска конференција се вклучени во процесот на општествена-политичка формација под наслов „Од рана до пушкарница - татковци и мајки на мирот на периферијата на светот“. Папата ги прими во Апостолската палата во сабота 18 март 2023 година и во својот говор пред се објасни што е војна.

Војната е неуспех на политиката. Се храни со отров, кој другиот го смета за непријател. Војната ни овозможува да ја допреме апсурдноста на трката во вооружување и употребата на оружјето за решавање на конфликти.

Напротив, потребна е „подобра политика“ – истакна римскиот бискуп – образование за мир и водење поинаква, внатрешна војна, војна на себе за да работиме за мир.

Два различни начини на водење политика

Меѓу младите - според Папата - политиката не ужива добар углед, поради корупцијата и затоа што е неефикасна и далеку од животот на луѓето. Затоа, потребна е „добра политика“:

Луѓето прават разлика. Ова го гледаме во локалните администрации: едно е да имаш достапен градоначалник или комесар, а друго е да имаш недостапен; едната е политика која ја слуша реалноста, која ги слуша сиромашните, а другата е политика која е затворена во згради. Тоа е дестилирана политика.

Власт која се спороведува како надмоќ

Во врска со ова, Светиот Отец даде два примери од Библијата: оној на кралот Ахав, кој ја застапува најлошата политика - создавање простор за себе со елиминирање на другите - кој не се стреми за општо добро, туку за лични интереси и ги користи сите средства за да се задоволи. Тој сака да го прошири своето лозје така што ќе го присвои лозјето на Навут, кој не сака да го продаде својот имот; Тогаш Навут ќе биде убиен, а Ахав ќе го добие она што го сакаше.

Политиката што власта ја спроведува како доминација, а не како служење, не е способна да се грижи, ги гази сиромашните, ја експлоатира земјата и споровите ги решава со војна. Не знае за дијалог.

Администрација која се грижи за интересот на народот

Пример за добра политика е онаа на Јосиф, синот на Јаков, кој бил продаден како роб од неговите браќа и бил одведен во Египет, каде - според библиската историја - фараонот му ги доверил административните должности. Светиот Отец истакна дека Јосиф, кој лично претрпе неправда, не го бара својот интерес, туку интересот на народот и станува творец на мирот, создавајќи односи способни да го обноват општеството.

Внимание кон последните и конструктивен дијалог

Затоа, политиката треба да се храни со нежност и плодност; односно со љубов која станува блиска и конкретна – објасни папата Фрањо, повикувајќи се на енцикликата Fratelli tutti. Станува збор за тоа да дозволиме да нè трогнат најмалите, најслабите и најсиромашните, и за споделување кое се состои од разговори, доверба, разбирање, слушање, потрошено време и одговори кои не се одложуваат. Тоа значи – објасни Светиот Отец – да се гледа во иднината и да се инвестира во идните генерации; да започнуваат процеси, а не да се зазема простор.

Добар политичар

На крајот Папата ги поттикна младите да размислат што треба да прави еден добар политичар и го заврши својот говор давајќи им неколку совети.

Ваша грижа нека не биде изборната поддршка или личниот успех, туку вклучување на луѓе, поттикнување на претприемништвото; да се овозможи соништата да цветаат, луѓето да ја почувствуваат убавината на припадноста на заедницата. Учеството е мелем за новите демократии. Ве охрабрувам да дадете свој придонес, да учествувате и да ги повикате вашите врсници да го сторат тоа, секогаш со цел и во стил на служење, бидејќи политичарот е слуга – истакна на крајот папата Фрањо.

21 март 2023, 08:41