Папата Фрањо: Фармацевти, вашата служба за ранливите е Божјo милување
Фармацевтите, мирјаните и членовите на монашките заедници, се повикани на „дополнително милосрдие“,својата работа да ја гледаат како послание за близина и охрабрување на болните, подготвени да се жртвуваат, посебно за време на пандемијата, кои ги слушаат најранливите и стануваат трпеливи делители на милосрдие и Божјата нежност, преку „апостолатот на ушите“. Така папата Фрањо ја опиша службата на на вработените во ватиканските аптеки, со кои се сретна во понеделник 18 септември 2023 година во Ватикан по повод 150-годишнината од основањето на аптеката, што беше сон на папата Гргур XVI, кој беше подоцна реализиран од блажениот Пиј IX. Се работи за служење на болните, што е служење на Него, ранетиот Бог на распетието, кон кого Папата ги повика фармацевтите одвреме-навреме да го подигнат погледот.
Аптеката посветува внимание на слабите, преку „дополнително милосрдие“
Потсетувајќи дека задачата да се основа аптека во Ватикан папата Пиј IX. ја довери на Болничкиот ред на Милосрдните браќа на свети Иван од Бога, познати како Фатебенефратели, папата Фрањо потсети како за време на Вториот ватикански собор, пред почетокот на седницата, аптеката била полна со епископи од сите националности кои купувале лекови, а двајца болничари биле во просториите за итна помош заедно со лекар и двајца носачи на носила...
Ватиканската аптека денеска не се разликува од другите само затоа што се посветува на директно служење на Петровиот наследник и на римската курија, туку и поради тоа што е повикана на „дополнително милосрдие“, вршејќи служба, која покрај продажбата на лекови мора и да се одликува со внимание кон најслабите луѓе и со грижа за оние кои се болни.
Подготвеност за жртвување за време на пандемија
Станува збор за вниманието што тие го посветуваат не само на вработените во Ватикан и граѓаните на градот Ватикан, туку и на оние на кои им требаат специјални лекови, кои честопати е тешко да се најдат на друго место. Поради оваа причина, Папата им се заблагодари на монасите од Болничкиот ред на Свети Иван од Бога, соработниците мирјани, фармацевтите и вработените, оние кои работат во магацините и сите соработници.
Ви благодарам за вашиот професионализам и посветеност, но и за духот на прифаќање и распложливост со кој ја извршувате вашата задача, која понекогаш бара труд и - како што се случи посебно за време на пандемијата - подготвеност за жртвување.
„Апостолат на ушите“, послание на сите фармацевти
Тој потоа ја истакна напорната работа на сите фармацевти, кај кои доаѓаат многу луѓе, посебно постари луѓе кои често, во денешното бесомачно темпо, имаат потреба, покрај лекови, од внимание и насмевка, уво што ќе ги слуша и утешен збор.
Не заборавајте го апостолот на ушите. Слушајте, слушајте... понекогаш изгледа здодевно, но за оној што зборува тоа е Божја нежност преку вас. Фармацевтите се таа блиска и подадена рака која не само што дава лекови, туку и пренесува храброст и близина. Благодариме на сите фармацевти! Вашата работа не е професија, таа е послание.
Делители на милосрдие во училиштето на небесниот Лекар
На крајот, папата Фрањо ги охрабри присутните да продолжат да работат великодушно бидејќи – како што рече – секој ден можете да направите многу добро, и со тоа ќе ја направите услугата на Ватиканската аптека уште поефикасна и помодерна, и со покажување на внимателна грижа и внимателен прием кои се сведоштво на Евангелието за оние кои стапуваат во контакт со вас. Со многу трпение, што е показател за љубов – додаде Римскиот епископ и им даде еден духовен совет. Подигнете ги очите одвреме-навреме кон распетието, насочувајќи го погледот кон ранетиот Бог. Служењето кое го правите на пациентот е служење на Него.
Убаво е од небесниот Лекар да се црпи трпение, добрина и сила на љубовта, никогаш не изморувајќи се. Во неговото училиште, од кадетрата на крстот до шалтерот во аптеката, бидете секој ден делители на милосрдието.
Ватикан њуз/к.мк