Пребарување

PALESTINIAN-ISRAEL-CONFLICT-GAZA

Папата: Дијалогот гради мир, а не војна и тероризам

На Генералната аудиенција во среда, Папата се помоли за жртвите од војната меѓу Израел и Палестина и побара итно ослободување на заложниците: „Право на оние кои се нападнати е да се бранат, но јас сум многу загрижен за целосната опсада под која живеат Палестинците во Газа, каде што има и многу невини жртви“.

„На Блискиот Исток не му треба војна, туку мир; мир изграден на правда, дијалог и храброст за братство“.

Папата Фрањо по катехезата на Генералната аудиенција во среда, на 11 октомври 2023 година, упати повик за мир за регионот кој доживува повторно брутална војна. Папата продолжува - како што рече - со тага и вознемиреност да следи што се случува во Израел и Палестина, а за бројните убиени и повредени луѓе, како и за семејствата се моли, на кои денот на празнување им се претвори во ден на жалост. Притоа Светиот Отец побара заложниците веднаш да бидат ослободени.

Тероризмот и екстремизмот не помагаат

Светиот Отец е загрижен и за оние кои живеат во Појасот Газа. Право на оние кои се нападнати е да се бранат, но јас сум многу загрижен за целосната опсада под која живеат Палестинците во Газа, каде што исто така има многу невини жртви. Тероризмот и екстремизмот не помагаат да се постигне решение за конфликтот меѓу Израелците и Палестинците, туку поттикнуваат омраза, насилство и одмазда и предизвикуваат само страдање и на едните и на другите.

Најмалку четириесет деца загинаа во кибуц

Додека папата Фрањо во својата катехеза на плоштадот Свети Петар го споменува населението што живее во војна - зборувајќи за Света Жозефина Бахита, ја спомена и ситуацијата во Судан, а и денес не ја заборави измачената Украина - додека од Израел и Палестина продолжуваат да пристигнуваат вести за смрт и уништување. Израел објави дека се пронајдени најмалку 40 убиени деца меѓу 200-те луѓе масакрирани во Кибуц Кфар Аз. Вкупно во нападот на Хамас загинаа најмалку 1.200 луѓе. Затоа, подготвувајќи тотална офанзива врз Газа, таа земја распореди 300.000 војници на границата, а денеска се очекува средба меѓу Нетанјаху и Ганц за формирање влада на национално единство.

Триесет лица загинаа во текот на ноќта во нападите врз Газа

Во текот на ноќта беа погодени 450 цели на Хамас и други палестински фракции. Само во Беит Ханун – рече воениот портпарол – на северот на Појасот, беа погодени 80 цели, вклучително и две банки што ги користи Хамас, еден тунел и два оперативни центри. Најмалку 30 лица загинаа во текот на ноќта во израелските напади врз Газа – објави Хамас, а пренесоа медиумите. Вкупно, бројот на загинати во Газа од израелските напади се искачи на 950, а околу 5.000 се ранети, објави Министерството за здравство на Хамас во Појасот Газа.

11 октомври 2023, 19:53

Последни Ауденции

Прочитајте сé >