Пребарување

2026.08.24 Delegazione dell'Ordinariato Militare per il Portogallo

Папата до португалската војска: Бидете силни во Господ и штитете ги граѓаните

Папата Лав XIV за време на средбата со членовите на Воениот ординаријат на Португалија. потсети на двајцата млади португалски војници кои неодамна загинаа, Тој ги охрабри присутните да бидат силни во Господ додека ја штитат својата татковина, владеењето на правото, како и животите и безбедноста на своите сограѓани.

Во обраќањето до членовите на Воениот ординаријат на Португалија, папата Лав XIV ги охрабри да ја наоѓаат својата сила во Господ, за да можат со понизност да ја исполнуваат својата мисија, знаејќи дека човекот не е самодоволен.

„Секој ден, секој од вас има благородна мисија да го брани суверенитетот на својата татковина и владеењето на правото, да ја штити безбедноста на своите сограѓани и да ги брани од неправда“, рече Папата на средбата со групата во Ватикан, во понеделник, 24 август 2026 година.

Светиот Отец упати поздрав „до сите членови, христијани и нехристијани, на Армијата, Воздухопловните сили, Морнарицата, Националната републиканска гарда и Полицијата за јавна безбедност во Португалија“. Воедно се потсети и на двајцата млади војници кои загинаа во петок, 21 август.

Тие „го загубија животот додека великодушно застанале на патот, како добриот Самарјанин, за да понудат помош“, рече Папата, додавајќи дека ги доверува нив и нивните семејства на Господ. Двајцата војници биле удрени од возило на автопат, додека му помагале на возач на камион со дупната гума.

Членовите на Воениот ординаријат престојуваа во Рим за да одбележат неколку годишнини: основањето на воениот викаријат пред 60 години, во 1966 година, неговото издигнување во воен ординаријат во 1981 година, како и именувањето на првиот епископ на ординаријатот пред 25 години.

Црпете ја својата сила од Господ

Во своето обраќање, Папата ги повика христијаните ова ходочестие во Рим да го искористат како можност за лично обновување и за зацврстување на верата. Ги охрабри да ги следат зборовите на свети апостол Павле од Посланието до Ефесјаните: „Црпете ја својата сила од Господ“ и „стојте цврсто, препашани со вистината, облечени во оклопот на праведноста, а нозете обуени во подготвеноста за Евангелието на мирот“.

Папата ги повика да бидат силни во Господ како стотникот од Капернаум, кој го замолил Исус да го исцели неговиот болен слуга. Тој пристапил кон Христос знаејќи „дека човечките суштества не се самодоволни, туку копнеат по нешто повеќе, по нешто што ги надминува“.

„Тој добро ги знаеше вредностите според кои се обликува вашиот живот: послушност, дисциплина, самоодрекување, лојалност, другарство, посветеност, одговорност и храброст“, објасни Папата, нагласувајќи дека овој војник „ја чувствувал потребата од Бога“.

Во својот став, истакна Светиот Отец, стотникот покажува дека „ја ценел хиерархијата“, а токму оваа димензија од неговиот секојдневен живот му помогнала да го разбере својот однос со Исус од Назарет, Кого Го исповедал како свој Господ и Бог.

Храброста на понизноста

„Од една страна, овој војник бил свесен за својот авторитет; од друга страна, пред Синот Божји, ја покажал силата на верата и храброста на понизноста“, нагласи Папата.

„Навистина, колкава и да е одговорноста што некој ја има, колкава и да е моќта што ја користи, колку и да изгледа беспрекорно, човекот секогаш останува гладен за бесконечното и жеден за вечноста“, рече тој.

„А бесконечноста и вечноста сега ни се достапни во Исус Христос: тие се дар од Господ“, додаде папата Лав XIV.

Капелани, продолжете ја својата мисија

На крајот, обраќајќи им се на капеланите, Папата истакна дека Црквата ним им го доверува „духовниот раст на воениот персонал и полицајците“. Ги охрабри да ги примаат сите, да ги слушаат, да им го носат Божјото Слово и да дејствуваат во Христово име преку служење на Светите Тајни и придружување на секој човек и неговото семејство.

„Од оваа посебна служба ќе произлезат плодови на личен раст во практикувањето на христијанскиот живот, како и зајакнување на духот на војската и безбедносните сили на кои им служите“, продолжи тој, заблагодарувајќи им се за нивната служба.

„Вашето сведоштво за љубов кон Црквата и кон татковината е мелем што носи утеха и дава надеж“, рече Папата.

Своето обраќање го заврши со молитва Богородица од Фатима да ги придружува сите присутни во нивната мисија.

24 август 2026, 18:03